Анерозија

Само информирана мисла е паметна мисла.

АКТА – Анти Креативен Трговски Договор

with 5 comments

Ова не е протестно писмо. Ова е интелектуална анализа.


Вовед

АКТА (ACTA – Anti Counterfeiting Trade Agreement)[1] е меѓународен договор чии преговори се одвиваа(т) во тајност, и кој има наведена цел да се бори против нарушување на правата од интелектуална сопственост. АКТА е последниот од серијата документи (SOPA, PIPA) донесени во фокус во последниот период кои се воведуваат со „добронамерни“ цели за стимулација на економскиот развој и „заштита на авторите“ на интелектуалните творби, но во својата суштина е договор со сериозни недостатоци, кои намерно или не навлегуваат во и рушат низа човекови права и правни принципи. Токму поради ова, оваа кратка анализа е наменета да ги разјасни и обелодени овие проблеми и да ги потенцира импликациите кои овој договор би ги имал врз македонскиот економски развој, и општо врз слободата на изразување и цивилизациската добробит.

Што е проблематично со АКТА?

1. Овозможува нарушување на основните човекови права, како правото на приватност, правото на слобода на изразување, слободна размена на информации…

  • АКТА им наложува на давачите на Интернет услуги да вршат масовно набљудување врз сообраќајот кој го создаваат нивните корисници, и ригорозно да го филтрираат истиот. Доколку не го сторат тоа, се соочуваат со сериозни кривични санкции, од типот на конфискација на имот (!), затвор (!), и огромни парични казни, кои што не изгледаат како целесообразни. АКТА го легитимизира овој процес на масовно набљудување на навиките на корисниците на Интернет мрежата, со тоа што ги става во предност интересите на сопствениците на интелектуални права (во натамошниот текст: сопственици; инаку најчесто сопственици на раширените содржини не се авторите туку нивните издавачи) а не ги рамнотежи со интересите на сите засегнати страни. Тоа особено може да се воочи од предвиденото според членот 27, и особено 27.4, кој им дозволува на сопствениците на интелектуални права пристап до личните податоци на корисниците, без судски налог. Ваквото предничење на интересите на сопствениците беше досудено како нелегитимно од страна на Европскиот суд на правдата (ЕСП), кој пресуди дека на давателот на Интернет услуга не може да му се наложи да вгради систем за филтрирање на целата електронска комуникација и да блокира одредена содржина заради заштита на правата на интелектуална сопственост[2]. Ова исто така е потврдено и од страна на Европскиот надгледувач за заштита на податоци (EDPS) кој појасни дека АКТА ќе доведе до „неприметливо набљудување на милиони поединци и сите корисници, без разлика дали се под сомнеж“, и „систематско снимање на податоци околку користењето на Интернет“[3].
  • Страните кои ќе пристапат кон АКТА немаат обврска да ја заштитат приватноста, меѓутоа имаат обврска да ја нарушат во случаи кога се претпоставува дека некој корисник крши права од интелектуална сопственост. Притоа со членот 27 точки 2, 3 и 4 се повикува на заштита на „фундаменталните принципи“ како слобода на изразување, фер процес, и приватност кои како такви не постојат во европското право[4], со тоа не нудејќи никаква конкретна заштита на истите.

Поради горенаведените причини, сметаме дека одредбите на АКТА ги нарушуваат најзначајните меѓународни документи кои се однесуваат на заштитата на човековите права, како Повелбата за фундаментални права на ЕУ и Европската конвенција за човекови права, како и Универзалната декларација за човекови права.

2.      Воведува кривични (!) санкции сомнително несоодветни на извршеното дело кое се „санкционира“

  • Во членот 27, АКТА поставува обврска за давателите на Интернет услуги активно да соработуваат со сопствениците во спроведувањето на нивните права на интелектуална сопственост. Ова АКТА го постигнува со тоа што предвидува кривични санкции доколку давателите учествуваат како „асистирачи и потпомагачи“ во нарушувањето на права на интелектуална сопственост или стекнуваат „недиректна економска полза“. АКТА не го образложува значењето на овој термин, при што истиот може да биде толкуван прешироко и да подразбира секаква постапка, што е апсолутно неприфатливо за документ од ваков карактер[5]. Ова е спротивно и на претходно заземениот став на Европскиот Парламент, кој во однос на можноста за воведување на кривични санкции за нарушување на права на интелектуална сопственост, бараше да се воведат минимални (de minimis) ограничувања кога се работи за дејствија преземени од приватни корисници за лични и непрофитни цели, како и за правото на „фер употреба“ за коментирање, критика, известување, истражување и научна дејност. Со оглед на тоа што, според природата на преземените дејствија, тие нарушуваат само економска добит на сопствениците на правата и секако дека не предизвикуваат осиромашување и бедност на истите (чим биле способни воопшто да го продадат и рекламираат своето дело за да стигне до некој друг), така претставувајќи само прекршок а не кривично дело. Ова автоматски ги става во прашање кривичните санкции од типот на затвор, и огромни парични казни, како што се уредени во член 23, 24, 25, 26 и 27.

Со ова, АКТА воведува кривични санкции нецелесообразни на преземеното дејствие и создава правен вакуум кој овозможува широко толкување на одредбите кои се однесуваат на кривични санкции.

3.      Создава паралелен правен систем и ја руши цврстината на владеењето на правото

  • АКТА го заобиколува судскиот процес притоа создавајќи паралелен правен систем со тоа што ги сведува давателите на Интернет услуги на квази-полициски органи и цензори. Ова го постигнува со заобиколување на судските органи при блокирањето на содржини и корисници на Интернет мрежата кои што ги поставиле истите, само поради произволните налози на сопствениците на правата.
  • Дополнително, предвидено е создавање на АКТА Комитет[6], кој ќе има дискреција да го менува и толкува нејзиниот текст како што смета за погодно, притоа не консултирајќи се со земјите кои го примениле во своето законодавство.

Со оглед на тоа што и самиот АКТА беше договаран во крајно таинствени услови, прашање е каков ефект ќе има ова врз правно-економските системи на земјите потписнички, како и на земјите блиску поврзани со нив. Постоењето на спомнатиот Комитет ја доведува во прашање легитимноста на АКТА, при што се занемарува основниот принцип на владеење на правото и правната сигурност.

 4.      Ќе има погубен ефект на иновацијата и развитокот

  • Негативните ефекти на АКТА ќе се преточат и кон претприемачкиот сектор, иноваторите и креативците, со тоа што ќе наметне бариери за влез на малите играчи на пазарот на понуда на нови содржини. Ова го остварува со тоа што директно и индиректно овозможува големите играчи да остваруваат легален „рекет“ поставувајќи им неповолен избор на малите и на независни создавачи и иноватори, при што изборот е меѓу две зла: соработка или бесконечни судски процеси, кои економски се неисплатливи за истите. Истиот услов им се поставува и на давателите на Интернет услуги, кои што во услови на несоработка со државните органи и големите сопственици, се соочуваат со закана кон преживувањето на нивниот бизнис, како последен бастион на слобода на Интернет просторот.

Ова автоматски носи кон обесхрабрување на сите оние кои би сакале да започнат со некоја идеја за бизнис или за креативно дело. „Пливањето“ низ сложениот правен систем кој ги уредува правата на интелектуална сопственост, како и низ бесконечниот број на патенти и веќе постоечки креативни дела, за да се избегне нарушување на било какво „нечиво“ право е едноставно неисплатливо и демотивирачко.

Заклучок

Поради горенаведените причини, сметаме дека АКТА е спротивен на меѓународниот правен поредок, и општите цивилизациски достигнувања на слобода, напредок и култура на споделување. АКТА е создаден без учество на помалку развиените земји, а врз нив ќе има најголеми ефекти. Македонија е несомнено една од овие земји, и прифаќањето на АКТА би било погубно за и така кревката позиција во однос на човековите права и слободи, во која се наоѓа нашата земја.

Кандидат м-р Бојан Георгиевски                                                                                   м-р Андреј Дамески

Интернет, 08 февруари, 2012

(Текстот може да се најде и на следната адреса: http://issuu.com/andrejnalin/docs/acta-analiza)


[1] Целосниот текст на АКТА може да се пронајде на: http://www.international.gc.ca/trade-agreements-accords-commerciaux/assets/pdfs/acta-crc_apr15-2011_eng.pdf;

[2] Така, во случајот Scarlet вс. SABAM. Види повеќе на: http://www.edri.org/edrigram/number9.23/scarlet-sabam-win-fundamental-rights;

[3] Мислење на Европскиот надгледувач за заштита на податоци околу тековните преговори во Европската Унија за ACTA  http://www.edps.europa.eu/EDPSWEB/webdav/site/mySite/shared/Documents/Consultation/Opinions/2010/10-02-22_ACTA_EN.pdf;

[4] Види повеќе на http://edri.org/ACTAfactsheet#principles;

[5] Токму поради ова, давателите на услуги ќе бидат приморани да ги шпиунираат своите корисници и да го филтрираат нивниот сообраќај како не би потпаднале под клаузулата за „недиректна економска полза“;

[6] Како што е предвидено со член 36;

Written by anerozia

Февруари 10, 2012 at 21:05

Posted in Uncategorized

Ars Technica - All content

Само информирана мисла е паметна мисла.

Techdirt

Само информирана мисла е паметна мисла.